Пребарувај по блогот

26.2.09

Приказна за aдама, таТкото & ЗАБРАНЕТОТО ОВОШЈЕ

Би пробал да раскажам една приказна:

Еднаш, мноогу одамна, уште од најстари времиња, од самите корени на цивилизацијата, си бил еден човек, кој по некоја случајност го крстиле Адам. Кога Таткото на Адам увидел какво величевствено дело создал, бил мноогу среќен... Арно ама, нешто фалело... Со текот на времето, Таткото забележал дека Неговиот Адам бил мноогу осамен... И покрај сите останати животни, на Адам му требало некое животно различно од останатите, а слично нему. И така, една вечер, Таткото го забрал Адама дома порано, му ги скршил ребрата, и од нив, направил животно токму по негова мерка. Со минијатурни разлики (кај кого како). Ова новосоздадено животно го нарекол Ева. Сега Адам бил комплетен, имајќи покрај себе животно слично нему. После чинот на создавање, Таткото му се извинил на Адама за ребрата, и му рекол дека кај да е, треба да стаса нова пратка, со нови, пософистицирани ребра, ами не од глина, туку од титаниум. Адама рекол дека ќе ги почека, и притоа прашал дали се произведуваат и титаниумски фиксирачи на мускули на ципи и областа околу нив. Таткото не му одговори ништо.

Кога Таткото заклучил дека овдешната работа е завршена, ги свикал Адама и Ева за да се збогува. Притоа, им рекол дека слободно можат да уживаат во сите благодети на животот, и да не се срамат од своите природни нагони... Но, напоменал и една мноогу важна работа: „ВО ЦЕНТАРОТ НА РАЈСКАТА ГРАДИНА, НА ВРВОТ НА ЗАБРАНЕТОТО ДРВО, НЕ ГО ЧЕПКАЈТЕ ЗАБРАНЕТОТО ОВОШЈЕ!“ - им рекол со навистина сериозен тон. Адам и Ева имале стравопочит кон Таткото, и му ветиле дека тоа нема да се случи. Така, Таткото се збогувал со своите чеда, уште еднаш му се извинил на Адама за ребрата (тоа беше и причината поради која Адама сега сериозно се зафати со дистрибуција на нови титаниумски фиксирачи со гумичка околу рабовите и ластик за подесување на притисокот... добар бизнис... на крај, му се исплатија тие неколку глупави, бескорисни глинени ребра, а и ја доби Ева - интересна занимација во моментите на досада).

Оттогаш Адам и Ева си живееле среќно и безгрижно... Но не до крајот на својот живот! (многу кратка би била приказнава ако напишам вака)...

Еден ден (мислам дека беше 14ти февруари), Ева (како припадник на понежниот пол) го нас'скала Адама да ја прошета низ Рајската Градина, баш околу Забранетото Дрво, и... евентуално, да и подари Забрането Овошје, затоа што уште тоа и фалеше во целата колекција на Рајски Плодови (инаку беше страстен колекционер на истите). Адам, како и секој друг маж, можноста да се докаже пред партнерката ја стави пред разумот и зборовите што Татка му ги остави на заминување веќе беа бледи шумови во неговите мисли, кои брзо исчезнуваа, па така, испразнет во главата, а наполнет во срцето, се испентери на Забранетото Дрво за да ја задоволи потребата на Ева. Ева пак, задоволно трепкајќи со трепките кои и се лепеа меѓусебе од премногу маскара, почна да ги трија рацете очекувајќи го последното парче на колекцијата за Пролет/Лето -5008 (читај МИНУС ПЕТ ИЛЈАДИ И ОСМО)...

Помина ден... Два... Адама сеуште го немаше да се врати... Ева беше загрижена дека можеби и некој друг пред неа би ја надополнил колекцијата, па беше гневна на Адама што сеуште не е вратен... По недела дена, седејќи така под Забранетото Дрво, ненадејно Ева ја погоди нешто мноогу тврдо на глава. Додека се освести, забележа дека всушност тоа е Забранетото Овошје! Возбудена, побрза да го разгледа... Тоа беше сребрен MacBook со гризнато јаболко на средината - логото на Apple. Во тој момент се почувствува премногу среќна поради фактот што токму овој лаптоп ја погоди по глава, а не некој потежок, а во краен случај и персонален компјутер. Така среќна, го грабна мекбуко' и си замина дома...

Адам пак, жалејќи по својот мекбук, се симна од врвот на Забранетото Дрво, и од првите негови гранки, скина еден Medison Celebrity Laptop , и продолжи пак да сурфа... Иако не беше навикнат на Windows, и досадните pop-ups кои јавуваат грешки во системот, или потреба од бесконечно доживотно upload-ирање на системот, сепак, тоа не го спречи да продолжи да сурфа на Facebook и да ги проширува своите пријателски кругови. Но, не знаеше дека и покрај сите злодела кои ги направи, спротивни на зборовите на Татка си, сепак, ова последново играше клучна улога во иднината на цел човечки род!

Кога Таткото разбра за она што се случило во Рајската Градина на 14ти февруари, начисто збесна, и почна да ги проколнува и казнува Адам и Ева за злосторствата што ги направиле. Запиша неколку казни:

  1. Зашто 14ти февруари беше датумот на кој ова непростливо дело е извршено, нека остане датум на кој цел машки род ќе биде приморан да се истрошува дури можи и не можи за да ги удоволи потребите на женскиот род!
  2. Затоа што Адам беше првиот кој го вкуси Забранетото Овошје, отсега натаму, 80% од машкиот род ќе се пали на програмски јазици, како C++, HTML, Action Script и тн., а пак своите природни нагони ќе ги задоволува преку разноразните страни на интернет (т.е. ќе мириса цвеќиња со гас-маска)!
  3. Затоа што Macintosh беше првото вкусено Забрането Овошје, отсега натаму, ќе биде нашминкано, убаво, но скапо... и за кредит кој ќе го исплаќаш доживотно, ќе добиваш слаби карактеристики, а одлична шминка!
  4. Затоа што Ева беше втората која го вкуси Забранетото Овошје, отсега натаму, ќе страда заради немање на кандидати за задоволување на нејзините природни нагони (последица на казната бр.2)!
  5. Затоа што некојси друг лаптоп што не е од браншата Apple е второто Забрането Овошје кое беше вкусено при грозниот чин, нека биде достапен за секого, но да има толку многу никаков оперативен систем што би му ја вадел душата на секој корисник!
  6. Затоа што Facebook беше алатката со која се помагаше изведувањето на овој чин, нека остане страна која ќе ги зароби луѓето во виртуелен свет, во кој ќе бидат осудени да го посетуваат секој божји и небожји ден, да гледаат слики од било кој без разлика дали го знаат или не, да го менуваат статусот на секои 5 минути, да престануваат секакви физиолошки и нефизиолошки процеси при звукот на досадното „клак“ кое свири кога некој ти пишува на Facebook, да се дружат и пијат кафе на Facebook, и сето ова ДО КРАЈОТ НА ЖИВОТОТ!

Кога Адам и Ева го прочитаа новосоздадениот Устав од Таткото, им беше јасно дека нивните животи веќе нема да бидат исти како порано...

Но, не тажеа за тоа... Напротив!

Истерани од рајската градина, нечисти, мрсни, гнасни... Разделени еден од друг... Со своите плодови во едната рака, кафето во другата, деноноќно се дружеа на Facebook и се чувствуваа поблиски од кога и да е!

P.S. Среќно, до крајот на нивниот живот!

3 коментари:

MiChO рече...

hehehehehehe... awe ne si salam :D:D:D:D:D:D

Unknown рече...

:)

Анонимен рече...

А си мислев дека имаме право на ексклузивитет за твоите текстови-ха,ха...
Нема врска, добар е, ќе го читаме во некој од печатените медиуми